Иако одамна се другари и соработници (и двајцата се членови на бендот Чалгија саунд систем) Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ во 2020 започнаа проект кој го заокружија со албумот Апокриф (SJF Records, 2021) којшто го опишаа како „мека офанзива“ на амалгамизирање на гласот, утот, луповите и импровизацијата. Од една страна, Добрила пее македонски традиционални песни, истовремено играјќи си со тишината, но и импровизира со мелодија која ја носи кон шумови и тонови, а од друга, Дориан свири на ут – инструмент со 12 жици, познат низ целиот Медитеран и создава лупови врз кои ги гради понатаму мелодиите и сопствените импровизации. Нивниот првенец претставува фузика меѓу знајното и незнајното, прифатеното и непознатото, тишината и звуците од околината и желбата за осознавање и препознавање. Можеби затоа и од регионалната и од светската музичка критика овој албум беше оценет како ремек-дело од жанрот „музика на светот“ со што дуто започна да се претставува низ големите концертни сцени во Европа.
Концертите за нив беа мали креативни парчиња низ кои се роди идејата за нов албум кој се појави во март, 2023 година повторно под етикетата на SJF Records, под име „Пиле шарено“. Соочени со прашањето КАКО понатаму, тие одговорот го најдоа збогатувајќи го „органскиот“ звук кој беше главно обележје на „Апокриф“- со електронски модификатори и кај утот, но овој пат и кај гласот. Така, од утот почнаа да се слушаат нови и шумови, тонови и звуци, а од вокалот извадија и радио бранови и хорови – се разбира, според индивидуалниот пристап и на двајцата музичари. Очигледно Добрила и Дориан Дуо го пронајдоа одговорот и формата затоа што Пиле шарено веднаш по појавувањето доби феноменални оценки искачувајќи се на највисоките места и на регионалните и на светските топ-листи од „музиката на светот“.
Од познати до непознати песни македонското поднебје, со поинакви аранжмани и изрази, Пиле шарено е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено.
Добрила Грашеска – вокали, лупови
Дориан Јовановиќ – ут, електроника