СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ II: БОРБА

перформанс на ПРВО ПА ЖЕНСКО 13

Копродукцијата на еден од најрелевантните европски театри, MLADINSKO Gledališče со MASKA и MESTO ŽENSK од Љубљана, Словенија, која беше наградена со главната награда „Јован Ќирилов“ и со награда од публиката на Меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ, за прв пат ќе биде претставена во Скопје, како дел од изведувачката програма на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО 13.

БОРБА е петиот и последен дел од серијалот претстави – предавања СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ II на режисерката Тјаша Чрнигој, кој ја реконструира борбата за репродуктивни права во Југославија. Користејќи ги биографиите на Вида Томшич, партизанка и значајна југословенска политичарка и на нејзиниот сопруг д-р Франк Новак, партизан и истакнат гинеколог, БОРБА потсетува на политиките, прогресивни за своето време (?), кои правото на планирање на семејството го застапуваат како човеково право, а правото на сексуално образование како право на образование кое ги надминува биолошките одредби за сексуалноста и во прв план ги става меѓуполовите односи. БОРБА нѐ потсетува дека во време кога општествата се ретрадиционализираат и политиките повторно го доведуваат во прашање женските права, тие не само што не може да се сметаат за засекогаш освоени, туку, остануваат предмет на постојана борба.

Уважувајќи го специфичниот начин на користење на просторот во претставата, во соработка со Лабораторијата за просторни и сценски истражувања на ФРУ, изведбата ќе се случува во различни делови од Железничката зграда на ул. Борка Талески 26 во Скопје.

Авторка на фотографии: Нада Жганк

Железничка зграда